30.6.2011 Фрингс потпиша за Торонто
Поранешниот репрезентативец на Германија Торстен Фрингс кариерата ќе ја продолжи во американската МЛС-лига, поточно во редовите на Торонто.
Дефанзивниот играч за врска на крајот на минатата сезона му истече
договорот со Вердер Бремен, а клубот не му понуди нов. Наместо тоа, му понуди
едно од тренерските места, но Фрингс сакаше и понатаму активно да игра фудбал и
на крајот ја прифати понудата од Торонто и потпиша двегодишен договор.
„Имав неколку понуди од Европа, Америка и Блискиот Исток, а имаше и неколку
интересни од Бундеслигата“, рече триесет и четиригодишниот Фрингс.
„Торонто ми понуди полн пакет, град со висок квалитет на живеење во одлична
земја, полни стадиони, професионална околина и визија на клубот кому ќе
помогнам во средината на теренот“, додаде играчот кој 79 пати го носел дресот
на германската репрезентација.
Не е ни тајна дека клучната улога за доведување на Фрингс во Торонто ја одиграл
поранешниот селектор на „панцирите“ Јирген Клинсман, кој во канадскиот клуб има
советничка функција.