Корисничко име Лозинка Пријави се
10.8.2018

Пеле: Ливерпул е мој фаворит во Премиерлигата

„Кралот на фудбалот“ кој е очаен прогнозер, смета дека тимот на Јирген Клоп е подобар од останатите во Англија

Бразилската легенда, Пеле, прогнозира дека Ливерпул ќе биде шампион на Премиерлигата во сезоната која почнува вечерва. „Кралот на фудбалот“ е познат како лош прогнозер, па затоа клубот во кој се неговите сонародници, голманот Алисон и Роберто Фирмино, треба да се плаши од ова предвидување. Пеле во минатото сметаше дека африканска репрезентација ќе биде светски првак пред 2000 година, за Нил Лампти сметаше дека е негов наследник, додека на СП 2002, најави финале Аргентина – Франција, а тие не ја минаа ниту групата, и трофејот го освои Бразил, за кој Пеле велеше дека нема да ја мине групата. 
Ливерпул уште нема титула во ерата на Премиерлигата, а последната титула во домашното првенство ја освои во веќе далечната 1990 година. Во минатата сезона беа четврти со 25 бода помалку од првакот Манчестер сити, но Пеле верува дека вицепрвакот во Лигата на шампионите, може да го разбие малерот на домашна сцена. 
„Кој мислам дека ќе освои титула во Премиерлигата? Мислам дека ова е година на Ливерпул, Алисон и Фирмино“ – напиша Пеле на „Твитер“. 
Тренерот Јирген Клоп летово го засили составот со чуварот на мрежата Алисон од Рома, со Наби Кеита, Фабињо и Џердан Шаќири. Првиот меч сезонава, Ливерпул го игра в недела против Вест Хем. 

 

Најнови вести