Корисничко име Лозинка Пријави се
21.6.2018

Шпанија со многу маки до трите бода против Иран

Фудбалерите на Шпанија го совладаа Иран со резултат 1-0 во натпреварот од второто коло на групата Б. Иранците долго даваа отпор на нападите на Шпанија, но одбранбениот бедем го проби Диего Коста во 54-тата минута.

Иранците чесно ги намачија Шпанците во првото полувреме бидејќи мислеа само како да го зачуваат својот гол.
Шпанија, целосно очекувано, ја имаше топката, имаше контрола, но немаше ниту една добра шанса во првите 45 минути.
За доминацијата на Шпанија најдобро говори податокот дека топката во своите нозе подолго ја имаа Серхио Рамос и Иско отколку целата репрезентација на Иран.
Во продолжението беше истата слика – Шпанија проигрува околу шеснаесетникот на Иран, а Рамос и Пике, централните бекови на Шпанците, се на 40 метри од противничкиот гол.
Сепак, „црвената фурија“ успеа да го пробие иранскиот бедем во 54-тата минута. Иниеста го проигра Диего Коста, тој тргна во казнениот простор, а еден дефанзивен играч на Иран, во обид да ја исфрли топката, му ја додаде на Коста и таа заврши во мрежата.
Иран потоа се отвори, можеби не премногу, но доволно да му се закани на голот на Давид де Хеа. По еден прекин, Езатолахи успеа да го матира голманот на Шпанија.
Иранците уредно го прославија голот, но главниот судија Андрес Куња од Уругвај, по консултацијата со судиите кои ја прегледаа видеоснимката, го поништи погодокот од офсајд. Шпанците до крајот го контролираа натпреварот и успеаја да ја сочуваат предноста.

Најнови вести