Корисничко име Лозинка Пријави се
16.1.2018

Гигс нов селектор на Велс

Рајан Гигс, новиот селектор на Велс, изјави дека на сите оние коишто се скептични околу неговото именување на таа функција ќе им покаже дека грешат.

Легендарниот фудбалер на Манчестер јунајтед, кој треба да ги одреди неговите помошници, вчера беше претставен како замена за Крис Колмен.
Навивачите во минатото често ја доведуваа во прашање посветеноста на Гигс на репрезентацијата додека беше играч, но сега е одлучен во намерата да ја придобие нивната поддршка.
„Тоа ќе го направам со победи. Додека победувам, нема да ги има тие прашања. Мене ми останува да дадам сè од себе, а тоа ќе го направам, исто како и мојот придружен персонал, а и играчите да ја направат својата земја горда, како пред две години на Европското првенство. Не сум на социјалните мрежи, така што не сум видел критики. Знам дека тие ме чекаат, но со тоа ќе се изборам со победи. Тоа е убавината на фудбалот – секој има мислење. Тоа го прифатив како играч, но и сега ќе го прифатам како селектор. Сè е во поставувањето баланс“, изјави Гигс.
Од 1991 до 2007 година Гигс 64 пати играше за Велс, но беше цел на критиките поради тоа што често ги пропушташе пријателските натпревари.
Гигс тренерската кариера ја почна на клупата на „црвените ѓаволи“, коишто ги водеше на четири натпревари на крајот на сезоната 2013/14, откако на Дејвид Мос му беше врачен отказ. Потоа две години беше помошник на Луис ван Хал, но си замина откако дојде Жозе Мурињо.
Четириесет и четиригодишниот Велшанец е еден од најуспешните фудбалери во историјата, со Јунајтед освои 13 титули во Премиер лигата и два трофеи во Лигата на шампионите, меѓу останатото. Покрај тоа, именувањето за селектор на Шведска го гледа како свое најголемо достигнување.
„Сакав да играм за својата земја и сега најверојатно е најгордиот момент на мојот живот бидејќи ќе ја водам репрезентацијата во наредните две или четири години, прво до Европското првенство, а потоа и на Светското првенство. Не сме играле на Мундијалот од 1958 година, сакам да ја одведам оваа група играчи таму и сакам да бидам дел од тоа“, изјави Гигс, кој додаде дека посебно се радува на Лигата на нациите, која ќе стартува наредната есен.

Најнови вести