Корисничко име Лозинка Пријави се
15.1.2018

Македонија без измени во составот против Црна Гора

Репрезентацијата на Македонија вечерва, со почеток од 20.30 часот го игра вториот натпревар на Европското првенство, а противник е селекцијата на Црна Гора.

Пласманот во втората рунда сè уште го немаме обезбедено, па како што беше и планирано, мечот со Црна Гора на Европското првенство е клучен за понатамошниот пласман на нашите репрезентативци.
Составот на македонската репрезентација ќе остане ист, селекторот Раул Гонзалес нема да направи измена и на теренот ќе бидат 16-те ракометари од натпреварот против Словенија.
„Наша најголема грешка ќе биде ако ја потцениме Црна Гора. Ова е Европско првенство и никоја репрезентација не треба да се потцени, особено не Црногорците, против кои сме играле и ги познаваме. Пак ќе речам, против Германија како да се откажаа откако Германците водеа со 5-6 разлика. Никако да не ги потцениме, зашто ќе биде тежок меч, можеби и потежок од завчерашниот“, изјави Гоце Георгиевски.
Филип Миркуловски се жали на ситна повреда, но ќе биде подготвен за вечерашниот клучен дуел.
Во репрезентацијата на Црна Гора се враќа голманот Небојша Симиќ, кој би требало да биде сериозно засилување во вечерашниот натпревар.
Според првите најави, голманот Симиќ требаше да паузира три седмици, но тој брзо закрепна и само по неколку дена надвор од теренот, повторно е во составот на црногорската репрезентација и е еден од нејзините клучни играчи.
Натпреварот меѓу Македонија и Црна Гора се игра вечерва, со почеток од 20.30 часот.

Најнови вести