Корисничко име Лозинка Пријави се
24.8.2017

Јаневски: Вардар има сила за историски успех

Чедомир Јаневски, тренерот на македонскиот шампион Вардар, изјави дека неговиот тим го чека тешко гостување кај Фенербахче, но дека верува дека ќе се пласира во групната фаза на Лигата на Европа.

„Победата од 2-0 во првиот натпревар не ни гарантира дека ќе се пласираме во групната фаза, но ни дава посебна енергија и сигурност да играме тимски и организирано, и само со таа идеја можеме да ја постигнеме целта. Затоа мораме да почнеме од нула, како да е 0-0“, изјави Јаневски на конференцијата за новинарите во Истанбул.
Вардар по победата во Скопје со 2-0, ќе гостува кај Фенербахче во реваншот од баражот за пласман во групната фаза на Лигата на Европа, кој би претставувал историски успех за македонскиот клуб.
Јаневски изјави дека победата во првиот натпревар донесла позитивна атмосфера во тимот, која играчите ќе се обидат да ја преточат во победа во реваншот.
„Фенербахче ќе има и огромна поддршка од трибините, но тоа не смее да ги оптоварува фудбалерите. Повторно ќе играме колективно со желба за позитивен резултат“, изјави тренерот на клубот од Скопје.
Вардар ќе биде без суспендираниот капитен Бобан Грнчаров, кој во првата средба доби црвен картон.
Натпреварот меѓу Фенербахче и Вардар се игра вечерва, од 19.30 часот во Истанбул.

 

Најнови вести