Корисничко име Лозинка Пријави се
22.1.2017

Пораз од Норвешка за крај на Светското првенство

Македонија е поразена со 34:24 од Норвешка во осминафиналето со што го заврши настапот на Светското првенство во Франција.

Македонските ракометари не успеаја да го направат најголемиот успех на Светските првенства откако беа поразени од Норвешка во осминафиналето и со убедливи десет голови разлика.
До првата половина на првото полувреме се играше изедначено, но потоа Норвешка со серија од 3-0 се одлепи на 8-5. Следуваше период на добра игра на нашата репрезентација која со серија од 4-0 дојде до првото водство од 9-8. Три пати не погодивме за два гола предност, Норвежаните повторно го вратија водството и на одморот се замина со 12:10.
Во второто полувреме Норвешка брзо создаде убедлива предност која беше недостижна за македонските ракометари и која рутински ја задржи до крајот.
Во одбраната потфрливме, во нападот не реализиравме, а противникот искусно ги казни нашите грешки. Очигледно беше отсуството на Манасков и Миркуловски кое беше голем хендикеп за нас.
На крајот Норвешка славеше со убедливи 34:24 и стави крај на учеството на Македонија на Светското првенство.
Најефикасен во нашата репрезентација беше Кире Лазаров со шест голови, пет додаде Стојанче Стоилов, по три постигнаа Маркоски и Пешевски.
Македонските ракометари ја исполнија целта пред Светското првенство и ја поминаа групната фаза, но не успеаја да испишат историја и за прв пат да се пласираат меѓу осумте најдобри на еден мундијал.

Најнови вести