Корисничко име Лозинка Пријави се
18.11.2016

Вардар убедлив против германскиот шампион Рајн Некар

Вардар го победи германскиот ракометен шампион Рајн Некар во Мајнхан со 33-27 и со тоа се зацврсти на лидерската позиција во групата Б од Лигата на шампионите.

Вардарци продолжија со одличната форма од средбата со Кјелце и одиграа маестрален натпревар победувајќи го Рајн Некар на негов терен со разлика од шест голови.
Нашите ракометари имаа одличен старт на натпреварот, брзо направија предност од четири погодоци, но во завршницата на првото полувреме домаќините се вратија и на паузата заминаа само со еден гол помалку.
Во второто полувреме Штербик и Кањељас играа одлично, Вардар во еден период водеше дури со разлика од девет гола, 30-21, а на крајот триумфираше со резултат 33-27.
Најефикасен на теренот во тимот на Вардар беше Кањељас со десет постигнати погодоци, Лука Циндриќ даде седум, а на голот одличен беше Штербик, посебно во вториот дел од средбата. Дејан Манасков остана на клупата на овој натпревар.
Со победата над Рајн Некар, македонскиот шампион е осамен на водечката позиција со 12 освоени бода, два повеќе од Кјелце, па има големи шанси да заврши на првото место, кое директно води во четврт-финалето.
Во наредното коло, кое се игра за девет дена, Вардар ќе биде домаќин на Рајн Некар, па ќе има шанси повторно да му ја покаже силата и на домашен терен.

Најнови вести