Корисничко име Лозинка Пријави се
06.10.2016

Македонија по прва победа против Израел

Вечерва на арената „Филип Втори“ македонската фудбалска репрезентација ќе го пречека Израел во натпреварот од второто коло на квалификациите за Светското првенство 2018 во Русија.

Во вториот квалификациски натпревар за Светското првенство, прв на домашен терен, Македонија за противник ја има репрезентацијата на Израел.
Во првиот натпревар нашата селекција беше поразена од Албанија, па вечерва против Израел ќе се обиде да оствари добар резултат.
По слабите резултати од минатиот квалификациски циклус, на нашата репрезентација сега ѝ се потребни добри игри и резултати со цел да ја вратат публиката на стадионот.
Израелците во последните години немаат постигнато некои добри резултати, иако технички се добри и брзи. На ранг-листата на ФИФА моментно се наоѓаат на 98-мото место, кое е слабо за Израел, но многу подобро од нашето рангирање.
Македонските репрезентативци со Израел досега одиграле три меѓусебни средби, а во сите три победиле Израелците со разлика од еден гол.
Избраниците на Игор Ангеловски се во добра форма, особено Алиоски и Несторовски. Селекторот нема да може да смета на стандардниот дефанзивен играч Ванче Шиков, кој има повреда на глуждот и неговиот настап е неизвесен и за средбата против Италија. Поради повреди нема да играат и Агим Ибраими и Александар Трајковски.
„Знаеме дека нè очекува дуел со една квалитетна селекција. Фаворити се Израелците, но ние добро се подготвивме за овој дуел. Овие три дена добро работевме, имаме одлична атмосфера. Ги знаеме на противникот добрите и лошите работи во играта. Со помош на нашата публика можеме да направиме добар резултат“, изјави Пандев.
Македонија веќе две години нема победено во квалификациски натпревар, последен пат трите бода ги освои во средбата против Луксембург на деветти октомври 2014 година, па сега е време фудбалерите конечно да покажат повеќе капацитет од досегашните остварени резултати.
Вечерашниот натпревар меѓу Македонија и Израел е со почеток во 20.45 часот.

Најнови вести