Корисничко име Лозинка Пријави се
03.10.2016

Втора победа на Вардар во Лигата на шампионите

Ракометарите на Вардар се во одлична форма, на домашен терен го победија Мешков со 31-27 и со тоа останаа на врвот во групата Б од Лигата на шампионите. Ова е осми последователен триумф на Вардар.

Во второто полувреме од средбата со Мешков, вардарци имаа одлична и агресивна одбрана, која донесе пресврт во играта и резултатот. Само за девет минути на почетокот на вториот дел ракометарите на Вардар одиграа 5-1 и успеаја да го преземат водството и со предност од пет погодоци, 20-15, продолжија да чекорат кон вториот триумф во Лигата на шампионите. Вуко Борозан имаше серија од четири гола, а Страхиња Милиќ одбрани неколкупати, со што Вардар направи резултатска предност.
Поради добрата игра, серијата одбрани и добро реализираните напади на домашната екипа, гостинскиот тренер за 18 минути два пати побара тајм аут за да се советува со играчите. Но и покрај тоа, нашите ракометари продолжија со добрата игра и во 51-вата минута имаа предност од шест погодоци, 27-21. Потоа Мешков успеа да ги искористи сите шанси, направи серија од 5-1 и во 58-мата минута резултатот го намали на 29-27, што беше закана за славење на ракометарите на Вардар. Но Лука Цилиндриќ постигна гол во контра и ги реши сите дилеми, а во последните секунди од средбата Душебаев со својот деветти гол на средбата го постави конечниот резултат од 31-27.
Следниот натпревар Вардар го игра на деветти октомври, во Словенија против Целје.
Вториот македонски претставник во Лигата на шампионите, Металург, беше поразен во Прешов против Татран. На почетокот на средбата се чинеше дека Металург ќе извојува лесна и убедлива победа, но до крајот беше поразен со 27-22 (11-12).

 

Најнови вести