Корисничко име Лозинка Пријави се
26.9.2016

Вардар и Металруг со триумфи почнаа во Лигата на шампионите

Ракометарите на Вардар ја почнаа Лигата на шампионите со победа од 28-23 (15-12) на гости кај Кристијанштад. Во 32-от триумф на Вардар во групната фаза од Лигата на шампионите досега, Арпад Штебик одбрани 19 пати, а Душебаев постигна седум погодоци.

Само за седум минути, од 13-тата до 19-тата минута на натпреварот, „црвено-црните“ направија серија од 5-0 и поведоа со 9-7. Дотогаш Кристијанштад на три пати имаше предност од два гола, а еднаш и од три (7-4). Тогаш Раул Гонзалес побара тајм аут, по што по два пати погодија Борозан и Шишкарев и еднаш Марсениќ за резултатски пресврт и водство на Вардар од 9-7. На три минути пред крајот на првото полувреме, нашите ракометари водеа со 14-10. Арпад Штебик до крајот на првиот дел имаше девет одбрани, додека Никола Симиќ, неговиот колега од спротивната страна, една повеќе.
Душебаев во 33-тата минута од дуелот прв пат донесе предност од пет погодоци, 17-12, а потоа и покрај исклучувањата во нашата екипа, ракометарите на Вардар примија само еден гол и покажаа дека се подготвени и поквалитетни во натпреварот во којшто беа фаворити. И покрај тоа што Симиќ им одбрани три пенали на играчите на Вардар (Кањељас, Чупиќ и Карачиќ), нашата екипа со честа ротација на ракометарите и постојано свежи играчи на теренот не се откажа од зацртаната цел да победи. Во 47-мата минута „црвено-црните“ веќе имаа предност од шест гола, за водство 23-17.
Со двата гола на Душебаев и Карачиќ во 52-рата минута водството беше зголемено за плус седум и остануваше само рутински да се заврши натпреварот.
Во наредното коло во сабота во Скопје ќе гостува екипата на Мешков Брест.
Во драматична завршница на натпреварот, со голот на капитенот Филип Талевски во последните секунди од средбата, Металург го совлада Елверум со резултат 18-17 (8-7). Победата беше заслужена бидејќи Металург беше во водство во текот на целиот натпревар, а гостите од Норвешка првпат поведоа дури во 52-рата минута. 
За победата е заслужна целата екипа, но двајца ракометари му дадоа посебен белег на овој натпревар. Филип Талевски постигна 13 погодоци од можните 18 на Металург, додека Дарко Арсиќ одбрани 16 топки, од кои три од седум метри.

Најнови вести