29.2.2016 Сити по пеналите до трофеј, Кабалјеро херој!
Фудбалерите на Манчестер сити го освоија англискиот Лига куп откако на „Вембли“ по подобро изведени пенали го совладаа Ливерпул со 4-2.
Регуларниот дел од натпреварот заврши нерешено со 1-1, во дополнителниот половина час немаше голови, а херојот на Сити беше голманот Вили Кабалјеро кој одбрани три пенали на играчите на Ливерпул.
Првиот пенал го погоди Емре Џан, Фернандињо потоа не погоди, но следеа Лукас, Кутињо и Лалана чии удари ги одбрани Кабалјеро, додека пак сигурни беа Навас, Агуеро и Туре за Манчестер сити.
Ова на тимот на Манчетер сити е четврти трофеј во историјата на Лига купот откако претходно беа најдобри во 1970, 1976 и 2014 година.
Во регуларниот дел во текот на натпреварот Сити беше нешто подобар, иако и едните и другите можеа да дојдат до победата и пред пеналите.
Тимот на Мануел Пелегрини поведе во 49-тата минута со голот на Фернадињо по грешка на голманот Мињоле, а седум минути пред крајот на регуларните 90 минути изедначи Филипе Кутињо.