Корисничко име Лозинка Пријави се
27.2.2016

Пелегрини: Лига купот за верба во титулата

Менаџерот на Манчестер сити Мануел Пелегрини изјави дека освојувањето на Лига купот би го мотивирало неговиот тим во борбата за титулата за шампион на Англија.

Фудбалерите на Манчестер сити утре играат на „Вембли“ против Ливерпул во финалето од Лига купот.
Сити ќе се обиде да го повтори успехот од сезоната 2013/14 кога го освои Лига купот со победата над Сандерленд со 3-1, во првата сезона на Пелгрини во Клубот.
Манчестер сити тогаш во возбудливата завршница на првенството ја освои шампионската титула пред Ливерпул, а оваа сезона е во нешто потешка ситуација, бидејќи по два врзани порази од Лестер и Тотенхем заостанува со шест бодови зад првопласираниот Лестер.
„Сезоната 2013/14 беше многу важна. Оваа сезона е поинаква, но ако во февруари освоите еден трофеј тоа вам ви дава верба дека можете да ја продолжите борбата за трофеите во останатите натпреварувања. Мораме да го освоиме Лига купот, а потоа да и се посветиме на Премиер лигата. Ќе се бориме за останатите 36 бодови, а шест заостануваме зад лидерот“, изјави Пелегрини.
„Ќе се бориме до крајот, а со освојувањето на Лига купот ќе се стекнеме со дополнителната самодоверба“, заклучи Чилеанецот.
Сити во средата во Киев го победи Динамо Киев со 3-1 во првиот натпревар од осминафиналето од Лигата на шампионите и се наоѓа во добра ситуација пред реванш натпреварот кој ќе го игра на домашен терен.

Најнови вести