Корисничко име Лозинка Пријави се
12.2.2016

Минимален пораз на Вардар во Франкфурт

Во првиот натпревар од продолжението на ракометната Лига на шампиони Рајн-Некар среќно победи во финишот на натпреварот со Вардар со 28-27.

Вардар не успеа да дојде до бод, а беше блиску бидејќи имаше напад за израмнување, но Микел Апелгрен, голманот на Рајн-Некар го одбрани ударот на Брумен и ја зачува победата на Германците.
Пред овој драматичен финиш, Вардар долго време имаше контрола на натпреварот. Првата осетна предност  ја направи по седум минути, кога со серија од три гола поведе со 5-3. Рајн-Некар цело полувреме не успеа да дојде до водство, а најблиску беше во 15. минута кога изедначи на 7-7.
Со нова серија од три гола  Вардарци поведоа со 10-7 во 19. минута, предност која ја држеа до финишот на полувремето. На минута и пол пред паузата Германците постигнаа два брзи гола, од кој вториот во последната секунда и намалија на 14-15.
Серијата на домаќинот продолжи и во вториот дел по што дојдоа до водство. Вардар повторно направи серија од три гола за 18-16, но немаше константност во играта, а Рајн-Некар возврати со иста мера и во последните 10 минути се играше изедначено. Последниот нерешен резултат, 26-26, беше во 56. минута, но Рајн-Некар повторно поведе, а последната шанса за реми Вардар не ја реализираше.
Ова е петти пораз за македонскиот шампион во Лигата на шампионите, по кој е на петтото место со 12 бода, зад Пик Сегед со 13 и Кјелце, Рајн-Некар и Барселона со по 15.
Следниот меч Вардар го игра со Кристијанштад во „Јане Сандански“ на 20 февруари во 17:30 часот.

Најнови вести