Корисничко име Лозинка Пријави се
25.1.2016

Второ реми за Македонија, ни избега победата над Норвешка

Машката ракометна репрезентација во „Арената Краков“ го одигра вториот нерешен натпревар од главната фаза на Европското првенство кое е во тек во Полска.

Македонската репрезентација одигра нерешено против репрезентацијата на Норвешка 31-31, и покрај тоа што имавме предност од пет голови.
Натпреварот почна со голот на норвешкиот ракометар Ли Хансен, но избраниците на Обрван веднаш вратија и во првите десетина минути постигнаа предност. КапитенотКирил Лазаров беше прогласен за играч на натпреварот во кој Македонија во првите 30 минути имаше водство од четири голови, а на паузата замина со четири гола предност, 17-13.
Водството го задржи и во второто полувреме кога два пати имаше разлика од пет голови, но во 53-тата минута Норвешка го израмни резултатот на 28-28.
Во 57-та минута Норвешка прв пат дојде до предност по 50 минути и до крајот на натпреварот се играше гол за гол,
Сепак во самиот финиш на натпреварот нашите ракометари израмнија на 31-31 и во последните секунди и последниот напад можеа да дојдат до победа над силниот противник, но Норвежаните успеаја да се одбранат.
Со овој натпревар македонската репрезентација го забележа својот втор нерешен резултат пред клучниот натпревар со Белорусија на затворањето на групната фаза од шампионатот.
Најефикасен во македонската репрезентација беше капитенот Кире Лазаров со постигнати 11 голови, пред Дејан Мансаков со 5 и Филип Миркуловски со 3 погодоци, додека пак чуварот на голот Борко Ристовски имаше десет успешни интервенции.
Кај Норвежаните најефикасен беше Кристијан Бјорнсен со постигнати шест голови.
Нашите репрезентативци ги чека уште последниот натпревар на овој шампионат против репрезентацијата на Белорусија кој ќе се игра во среда.    

Најнови вести