Корисничко име Лозинка Пријави се
28.10.2014

Берлускони наредил: Торес во стартните 11

Силвио Берлускони, претседателот на Милан, разговарал со тренерот на екипата Филипо Инзаги и му наредил да го врати Фернандо Торес во стартните 11.

Како што наведува најтиражниот италијански спортски весник, Берлускони бил незадоволен од одлуката на Инзаги да го остави Торес на клупата во претходното коло против Фиорентина (1-1) и натпреварот да го почне со лажната деветка Жереми Менез.
„Берлускони на полувремето разговараше со Инзаги и му рече дека не му се допаѓа таа одлука и дека сака да го види Торес како главен напаѓач на тимот“, пишува „Газета дело спорт“ и најавува дека неодамнешниот шпански репрезентативец ќе биде уште од првата минута на теренот против Калјари утревечер.
Торес пред средбата со Фиорентина, каде што ги одигра само последните десет минути, беше стартер на четири натпревари и постигна еден гол.
„Не дојдов во Милан да го поминам времето, туку да оставам трага“, изјави Торес јасно покажувајќи ја желбата за игра.
Берлускони и порано знаел да се вмеша во тренерската работа, познато е дека своевремено од Фабио Капело барал поголема минутажа за Дејан Савиќевиќ, а не е тајна дека во сезоната 2006/07 го советувал Карло Анчелоти токму Инзаги да има предност во однос на Алберто Џилардино во Лигата на шампионите.
Во двата случаи беше во право и два пати Милан го освои трофејот во Лигата на шампионите. Савиќевиќ блескаше во Атина во 1994 година против Барселона (4-0), додека Инзаги на тој стадион, 13 години подоцна, беше двократен стрелец во триумфот против Ливерпул (2-1) вреден за седмата, засега и последна, шампионска титула на Европа за „росонерите“.

Најнови вести