Корисничко име Лозинка Пријави се
10.9.2013

Боатенг го напушти Милан поради расизам

Кевин-Принс Боатенг го напушти италијанскиот клуб Милан и се врати во Германија поради расистичките инциденти, изјави финансискиот директор на Шалке, Петер Петерс.

Тој за „Билд спорт“ рече дека претседателот на Милан, Силвио Берлускони, му ветил на Боатенг дека ќе го пушти од клубот доколку екипата се пласира во Лигата на шампионите.
Боатенг во реванш-натпреварот на плејофот за Лигата на шампионите постигна два гола во победата од 3-0 против ПСВ од Ајндховен и Берлускони потоа веднаш го исполни ветувањето. Неговиот трансфер во Шалке е вреден 11 милиони евра.
Репрезентативецот на Гана на почетокот на 2013 година предизвика голема полемика во Италија, откако го прекина пријателскиот натпревар против Про Патрија поради расистички навреди од трибините.
Боатенг во Милан стигна во 2010 година од Портсмут, а претходно играше за Херта, Хамбург и Тотенхем.
Претходните сезони беше еден од најдобрите играчи на „росонерите“, за кои одигра точно 100 натпревари и постигна 17 голови.

Најнови вести