Корисничко име Лозинка Пријави се
13.3.2013

Играч на Штутгарт жртва на мобинг на клупските навивачи

Тамаш Хајнал, 31-годишниот унгарски играч за врска на Штутгарт, е цел на злоупотреба од страна на навивачите на својот клуб, пишува германскиот дневник „Билд“.

Во натпреварот од Лигата на Европа против Лацио (победа на Лацио од 2-0) минатата седмица Хајнал доби толку свиркања и навреди на „Мерцедес-Бенц арената“, што тренерот Бруно Лабадија го извлече од игра во 41-та минута, а во неделниот домашен бундеслигашки натпревар против Хамбургер (победа на Хамбургер од 1-0) го остави на клупата.
„Не можам да го внесам кога уште од првиот контакт со топката ќе му свират“, изјави Лабадија.
„Таква злоба сè уште не сум искусил“, додаде спортскиот директор на Штутгарт, Фреди Бобич.
Која е причината за навивачката нетрпеливост кон Хајнал? Навивачите бараат нови, млади играчи, а му се нафрлија на Хајнал бидејќи тој ја претставува гардата на старите, скапи играчи (договор до 2014 година, годишна плата од 1,5 милиони евра). На сличен начин навивачите на Штутгарт претходно оваа сезона му се нафрлија на српскиот играч за врска Здравко Кузмановиќ и во јануари го протераа во Интер од Милано.
Хајнал во Штутгарт дојде летото 2011 година од Борусија Дортмунд. Оваа сезона настапи во 12 бундеслигашки натпревари.

Најнови вести