Корисничко име Лозинка Пријави се
16.2.2018

Лига на Европа: Лајпциг го шокираше Наполи, Лацио падна во Букурешт

Се комплетираа сите први натпревари од шеснаесетфиналето на Лигата на Европа, а синоќешниот термин го обележаа победата на Лајпциг во Неапол и поразот на Лацио во Букурешт.

„Наполитанците“ поведоа со голот на Адам Унас во 52-рата минута, по асистенцијата на Марко Рог, но германскиот претставник по половина час дојде до пресврт.
Најпрво Тимо Вернер погоди за изедначување во 61-вата минута, Брума во 74-тата донесе пресврт, а конечниот резултат на средбата го постави Вернер со неговиот втор гол во третата минута од продолжението на времето – 3-1 (0-0).
И третиот од четирите италијански претставници доживеа пораз, Стеауа како домаќин беше подобра од Лацио со минимален резултат 1-0 (1-0).
Единствениот гол на натпреварот беше постигнат во 29-тата минута, кога Харлем-Еди Гноер ја казни големата грешка на средината на теренот и пасот на Кристијано Будески го претвори во конечен исход.
Победа оствари и Олимпик Лион, исто така на домашен терен, поразувајќи го Вилјареал со 3-1 (0-0).
Резултатот не се менуваше во првите 45 минути игра и делуваше дека тоа ќе биде тврд натпревар за гледање, но тогаш домашните играчи во периодот од 46-тата до 49-тата минута дојдоа до голема предност.
Маријано Дијас двата пати беше асистент, додека мрежата на „жолтата подморница“ ја погодија Тангуј Ндомбеле и Набир Фекир.
Шпанскиот состав успеа да се врати во 63-тата минута, со голот на Пабло Форналс, но Мемфис Депај сепак му донесе предност од два гола на францускиот претставник пред реваншот на „Ел Мадригал“.
За разлика од Вилјареал, Атлетико Мадрид немаше никакви проблеми, дури славеше и поубедливо отколку што се очекуваше на гостувањето кај Копенхаген – 4-1 (2-1).
На почетокот не делуваше дека ќе биде така бидејќи Данците поведоа во 15-тата минута со голот на Виктор Фишер. Но, шест минути подоцна возврати Саул Њигез, а Кевин Гамеиро во 37-мата минута направи целосен пресврт.
„Јорганџиите“ продолжија да го контролираат натпреварот, победата ја најави Антоан Гриезман во 71-вата, а дефинитивно ја потврди Витоло во 77-мата минута.
Возбудливо и неизвесно беше на „Селтик парк“, каде што Калум Мекгрегор предизвика делириум меѓу навивачите со голот во 78-мата минута, кој беше доволен за победа над Зенит од Санкт Петербург - 1-0 (0-0).
Идентичен беше резултатот меѓу Партизан и Викторија П’лзењ, реми имаше во Солун, каде што домаќинот АЕК во самиот финиш успеа да избегне пораз од Динамо Киев – 1-1 (0-1).
Реванш-натпреварите на програмата се за седум дена, додека Црвена ѕвезда и ЦСКА во Москва ќе играат еден ден порано.

Најнови вести