Корисничко име Лозинка Пријави се
13.4.2018

Марсеј во полуфиналето, Арсенал се извлече, Лацио испадна

Имаше многу возбуда на реванш-натпреварите од четврт-финалето на Лигата на Европа, а во полуфиналето ќе ги гледаме Арсенал, Олимпик од Марсеј, Атлетико Мадрид и најпријатното изненадување, австрискиот Салцбург.

Седум гола беа постигнати на „Велодром“ во Марсеј, каде што Олимпик го совлада Лајпциг со 5-2 и успеа да го надополни заостанувањето од еден гол од првиот дуел.
Гостите поведоа со голот на Брума уште во втората минута, но до деветтата минута домаќинот направи пресврт со автоголот на Илсанкер, а потоа и со погодокот на Сар.
Во 38-мата минута Товен ѝ донесе активен резултат на француската екипа, но Огустен во 55-тата го врати Лајпциг во игра. Само пет минути подоцна, Димитри Паје  го постигна четвртиот гол за Марсеј, а во финишот на натпреварот, кога Лајпциг со сите сили тргна во напада, Јапонецот Сакаи од контра го потврди пласманот на Олимпик.
Арсенал во 50-тата минута губеше со 0-2 од ЦСКА во Москва, но Велбек и Ремзи спречија на „топчиите“ да им се повтори сценариото на Барселона.
Тоа, сепак, му се случи на Лацио во Салцбург, иако Имобиле во 55-тата минута погоди за 0-1. Салцбург изедначи во наредниот напад со голот на Дабур, а во периодот од 72-рата до 76-тата минута Австријците ја наполнија мрежата на Лацио.
Прво погоди Хајдара, а потоа Хванг и Лајнер, па Салцбург со вкупен резултат 6-5 се пласира меѓу најдобрите четири.
Атлетико Мадрид стравуваше во Лисабон откако Фреди Монтеро во 28-мата минута го доведе Спортинг на еден гол помалку во двомечот, но „јорганџиите“ се одбранија до крајот и благодарение на триумфот во првиот дуел (2-0), се пласираа во полуфиналето.
Ждрепката за полуфиналните парови ќе се одржи денес.

Најнови вести