Корисничко име Лозинка Пријави се
26.6.2012

Глазгов ренџерс не доби дозвола да игра во елитата

Надежите на Глазгов ренџерс дека „обновениот“ клуб ќе игра во шкотската Премиер лига во следната сезона тешко дека ќе бидат остварени.

Претставниците на шест клубови најавија дека ќе гласаат против тоа „новоформираниот“ Глазгов ренџерс да ѝ се приклучи на првата шкотска лига.
Управата на Сент Џонстон најави дека ќе им се придружи на претставниците на Абердин, Инвернес, Данди јунајтед и на клубовите од Единбург, Хартс и Хибернијан, на гласањето на 4-ти јули. На клубот од Глазгов потребна му е согласност на дури осум од вкупно 12 клубови.
И претставниците на Ренџерс имаат право на глас, ама не можат да обезбедат уште седум гласови.
„Важно е да се прати јасна порака на луѓето кои го управуваат шкотскиот фудбал дека вакво сценарио не смее да се повтори“, се вели во соопштението на Сент Џонстон.
Прашање е дали дванаесеттиот учесник во Премиер лигата ќе биде Данфермлин, кој беше последнопласиран во Премиер лигата, или второпласираниот од Првата дивизија, Данди.
Покрај долгот од 21 милиони фунти, клубот кој ќе почне да се натпреварува во некоја од пониските лиги на Шкотска летово ќе остане без двајца шкотски репрезентативци – Стивен Нејсмит и Стивен Витакер, а се очекува уште неколку фудбалери да го напуштат клубот.
Минатата сезона најтрофејниот клуб во Шкотска и клубот со најмногу национални титули во светот (54) заврши на второто место во Премиер лигата, но го нема на списокот на учесници во европските натпревари во сезоната 2012/13.

Најнови вести