Корисничко име Лозинка Пријави се
22.8.2018

Хаос во Серија Б: Три клуба банкротираа, почетокот може да биде одложен

Само за еден месец, без пари останаа Бари, Авелино и Чезена

Додека клубовите во Серија А потрошија повеќе од една милијарда евра за нови играчи, во Серија Б владее хаос. Само за еден месец, банкротираа три клуба. Бари, Авелино и Чезена немаат пари за натпреварувањето, па наместо 22, сега има 19 клубови подготвени за стартот. Серија Б треба да започне овој викенд, но по новонастанатата ситуација, првенството може да биде одложено. 
Челниците на Серија Б имаат план како би течело натпреварувањето со 19 клубови, но против таквата одлука се првите луѓе на Италијанската фудбалска федерација. Клубовите кои минатата сезона испаднаа од Серија Б во третата лига, бараат начин како да се вратат и да продолжат во натпреварувањето во кое беа дел во ланското првенство. 
Здружението на фудбалери во Италија (АИЦ) побара да има одложување на стартот на првенството, во спротивно играчите ќе стапат во штрајк. 
„Се противиме на тоа оваа сезона првенството да има само 19 клубови. Ќе се направи преседан, по кој ќе нема враќање назад. Предлогот на челниците на Лигата е смешен. Ситуацијата е комплицирана и затоа мора да се најде решение“, вели Дамијано Томази, кој е претседател на АИЦ. Томази е поранешен играч на Рома и некогашен италијански репрезентативец.
Првенството во Серија Б треба да започне во петок, со дуелот Бреша – Перуџа.