Корисничко име Лозинка Пријави се
20.9.2016

Бартон суспендиран три седмици

Џои Бартон, фудбалерот на Глазгов ренџерс, е суспендиран три седмици по вербалниот судир со соиграчот Енди Халидеј.

Инцидентот меѓу играчите на Ренџерс се случил по дебаклот во дербито против Селтик (5-1), а Бартон изјави дека признава дека ја преминал границата и им се извини на клубот и на навивачите, но додаде дека не смета дека било неопходно да биде оддалечен од тренинзите.
На својот профил на „Твитер“ тој објави, а потоа го избриша твитот, во кој изјави: „Кога некој ќе се извини, не мора нужно да значи дека погрешил и дека другата страна е во право. Тоа значи дека ги почитувате односите и вредностите повеќе од своето его“.
Наредниот ден гостуваше на радио, каде што изјави дека клубот него го испратил дома, а другиот учесник во инцидентот, Халидеј, не, како и дека имал отворен разговор со тренерот.
Англискиот фудбалер утре ќе ја објави долгоочекуваната автобиографија под наслов „No Nonsense“, за која владееше голем интерес.
Триесет и четиригодишниот фудбалер во текот на својата кариера успеа, речиси во секој клуб, да направи барем по еден непријатен настан на теренот, а и надвор од него.
Бартон играше за: Манчестер сити, Њукасл, Квинс парк ренџерс, Марсеј, минатата сезона ја помина во Барнли, а од оваа е во Глазгов ренџерс.

Најнови вести