Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
14.11.2017

Италија без Мундијал по 60 години

Мундијалот во Русија ќе биде без Италија – Италија во неверување, Шведска во транс!

Швеѓаните направија сензација и со 0-0 во реваншот на „Сан Сиро“ ја исфрлија Италија од трката за Мундијалот. Италија по цели 60 години нема да игра на Светското првенство, а претходниот пат од Мундијалот отсуствуваа уште во далечната 1958 година во Шведска.
Шведска со единствениот гол во првиот натпревар од баражот (1-0) ги исфрли „аѕурите“, а пресуди Јохансон во 61-вата минута со голот во Солна.
Италијанците не блескаа ниту на претходните два шампионати бидејќи во Јужна Африка и во Бразил не ги поминуваа групите, но пред двомечот со Шведска веројатно никој не очекуваше дека Италијанците ќе испаднат.
Швеѓаните размислуваа поинаку. Храбрата и цврста одбрана од првата минута на првиот натпревар беше тактиката од која момчињата на Јан Андерсон не отстапуваа, а Италијанците во 180 минути не успеаја да го совладаат голманот Робин Олсен.
Првото полувреме од реваншот помина во иницијатива на Италија, која се виде само на хартија бидејќи со многу подобар посед на топката првата вистинска шанса ја создаде Кандрева во 26-тата минута.
Вистинска опасност Италијанците станаа во финишот на првиот дел од играта, по обидот на Имобиле, кога од гол-линијата топката ја извлече Гранквист. До крајот на полувремето се обиде и Флоренци, но Олсен одбрани и Швеѓаните дишеа слободно до полувремето.
Во второто полувреме Италија почна уште поагресивно и поодлучно. За тоа сведочат и повеќе ситуации на теренот во коишто и едните и другите бараа пенали, жолти картони и фаули.
„Аѕурите“ нижеа шанси со Кандрева, кој беше најдобар во првото полувреме, Ел Шарави, Флоренци, но не вредеше. На крајот имаше дури 75 отсто посед на топката и 24 нереални удари кон голот на Шведска.
Само шест завршија околу голот, но Олсен цело време беше на голем испит, кој на крајот го положија и тој и неговата одбрана за чудото за кое долго ќе се зборува.
Италија останува без Мундијалот, а Мундијалот без Италија.

Најнови вести