Корисничко име Лозинка Пријави се
18.8.2018

Роналдо го враќа сјајот на Калчото, „Старата дама“ ита кон нова титула

Кристијано Роналдо предизвика вистински потрес со трансферот од Реал Мадрид во Јувентус, а токму тој и неговиот нов тим „Старата дама“ од Торино ќе ја имаат честа да играат против Киево на премиерата од новото издание на Серија А

Кристијано Роналдо отвори ново интересно поглавје во својата кариера, потпиша за Јувентус со трансфер од Реал Мадрид, вреден околу 110 милиони евра, а доаѓањето на еден од најдобрите фудбалери на сите времиња предизвика вистинска фудбалска грозница во Италија. Калчото полека, но сигурно го враќа препознатливиот сјај од времињата кога беше убедливо најатрактивна и најсилна лига на планетата. Дека популарниот ЦР7 ќе биде атракција, каде и да гостува со Јувентус, потврдува податокот дека над 30 илјади билети пламнаа како од шега, за неполни 24 часа во Верона. Киево е домаќин вечерва од 18 часот, а на „Бентегоди“ ќе врие како во кошничка. Јувентус е апсолутен фаворит, Роналдо е најавен како стартер, па од многу апсекти мечот ќе  биде во фокусот, не само во Италија, туку на целата планета. Интересно е да се проследи првиот меч на Кристијано во Серија А, за Јувентус, екипа која повторно е топ-фаворит за титулата. „Црно-белите“ од Торино имаат моќен состав, дузина играчи од светски калибар, а што е многу важно за се понапорните сезони имаат и „долга“ клупа.
Но, сезонава има доста кандидати што ќе се обидат да му го отежнат патот кон очекуваната титула на Јувентус. Пред се Наполи, под палката на новиот тренер Карло Анчелоти. Популарниот Дон Карло одлично го познава стилот на игра на Јувентус, тој е менаџер што е магнет за успеси и титули, а под Везув се уште гори оганот од ланската сезона, кога Наполи беше на прагот на сензација и прокоцка зицер за да го симне Јуве од тронот. Иако има кавга на реалција навивачи – Де Лаурентис, кој е алфа и омега во раководството на Наполи, сепак наполитанците имаат екстра квалитетен состав, кадарен дури и да ја освои титулата.
Во рангот на Наполи, дури можеби и пред него, како фаворит број два сезонава ќе биде засилениот Интер.
„Нероаѕурите„ сериозно се засилија на неколку позиции, пристигнаа Врсаљко, Асамоа, Де Фрај, Кеита, Политано... и секако највредната аквизиција Раџа Наинголан. За зацврстување на конкуренцијата во сите сегменти, па ако се додаде и квалитетот на Перишиќ, Икарди, Брозовиќ... тогаш јасно е дека Интер има состав за титула, дури и во силна конкуренција, каква што годинава нуди Серија А.
Во редот на фаворити од сенка се и екипите кои постојано се при врвот во последните неколку години. Пред се Рома, потоа и Милан и Лацио. Конкуренцијата е силна, пристигна и Роналдо, па Калчото сезонава тргнува во поход по враќање на стариот сјај и шарм, кои долго време го држеа италијанскиот клупски фудбал на врвот на Европа.

Напомена – двата дуели на екипите од Џенова се одложени поради трагедијата во овој град. Милан и Џенова, односно Сампдорија против Фиорентина ќе ги играат натпреварите од првото коло во некој друг термин.

Двојки, 1. коло – Денеска: Киево – Јувентус (18 часот), Лацио – Наполи 20,30
Утре: Торино – Рома (18), Болоња – Спал (20,30), Емполи – Каљари (20,30), Парма – Удинезе (20,30), Сасуоло – Интер (20,30).
Понеделник: Аталанта – Фросиноне (20,30)

 

Најнови вести