Корисничко име Лозинка Пријави се
05.10.2016

Навивачите на Хајдук ќе го прекинат натпреварот Косово-Хрватска?

Навивачите на Хајдук планираат да предизвикаат нереди и да го прекинат натпреварот меѓу Косово и Хрватска во квалификациите за Светското првенство, пренесува „Јутарњи лист“.

Навивачката група Торцида подготвува акција за прекинување на натпреварот во албанскиот Скадар, а таквите сомнежи ги потврди и комесарот за безбедност на Фудбалскиот сојуз на Хрватска, Мирослав Марковиќ.
„Тоа не се шпекулации, туку информации кои со оперативна работа ги собираме од разни страни. Кога тие ќе се потврдат од повеќе места, им ги испраќаме на организаторите. Не сакаме да излегуваме со детали за да не ја загрозиме работата на полицијата, ако секој си ја заврши својата работа, ќе биде во ред“, изјави Марковиќ за „Јутарњи лист“.
Тој додаде дека за безбедноста се грижат албанската и косовската полиција, како и тоа дека верува дека секој инцидент ќе биде сведен на минимум.
„Има информација дека се планираат нереди, но не можам да кажам колку е сериозна. Имаме одлична соработка со полицијата“, додаде Марковиќ.
Истите навивачи од Сплит веќе еднаш прекинаа натпревар на репрезентацијата на Хрватска, и тоа на Европското првенство во Франција, во Сент Етјен, против Чешка (2-2). И тогаш имаше вакви најави пред натпреварот, па инцидентите се случија.
Натпреварот меѓу Косово и Хрватска се игра утре, од 20.45 часот во Скадар.

Најнови вести