Корисничко име Лозинка Пријави се
12.8.2018

Косово пред мечот со Македонија ќе добие нов селектор

Новиот предводник на репрезентацијата ќе биде од балканските простори

Американскиот стручњак, Бред Гринберг, веќе не е селектор на машката сениорска репрезентација на Косово, а за негов наследник ќе се донесе човек кој подобро го познава балканскиот менталитет. Договорот на Гринберг е истечен, и не му беше продолжен. 
Под водство на Гринберг, нашиот сосед во летото минатата година откако ја мина групата со Македонија и Естонија, влезе во квалификациите за Светското првенство 2019, но од таму испадна уште по првата фаза, и сега повторно како во 2017 година ќе биде ривал на Македонија, овојпат во битката за влез во квалификациите за Евробаскетот 2021. Првиот меч од таа фаза се игра на 13 септември во Приштина, што значи дека кошаркарската федерација на Косово наскоро ќе мора да одреди нов селектор. 
Најавите на косовските медиуми се дека наследникот на Гринберг ќе биде тренер од балканските простори, и човек кој добро го познава овдешниот менталитет.