Корисничко име Лозинка Пријави се
14.1.2014

Блатер: Зелено светло за Косово

Светската фудбалска федерација му дозволи на Косово да организира и да игра пријателски репрезентативни натпревари, со одредени рестрикции.

Владејачкото тело на светскиот фудбал објави дека одлуката ја донела Комисијата за итни прашања, на чело со Сеп Блатер, и тоа по состанокот со челниците на Фудбалскиот сојуз на Србија и Фудбалскиот сојуз на Косово во петокот.
„Оваа одлука претставува голем поттик за развој на фудбалот на Косово и уште еднаш ја потврдува исклучителната моќ која ја има нашиот спорт да ги зближи луѓето“, изјави Блатер.
Одлуката на ФИФА се однесува на 200 членови на тоа тело ширум целиот свет, но со неа не се опфатени репрезентациите и клубовите од поранешна Југославија. Косово на тие натпревари нема да може да ги користи националните симболи, ниту ќе биде дозволено изведување на химната. На дресовите ќе стои „Косово“ со симболот ѕвезда.
На тој начин се исполнети одредени услови кои ги бараа претставниците на Фудбалскиот сојуз на Србија, по разговорите со одредени министерства на Владата на Србија.
„Имаме одредени договори, да може да се игра без симболи, знаме, грб и химна, на дресовите покрај Косово да има ѕвезда и нашите клубови кои се наоѓаат во северниот дел на Косово и енклавите да продолжат да играат во нашиот систем и Сојузот. Ние, исто така, не дозволуваме репрезентацијата на Косово да игра со националните тимови од поранешна Југославија во Приштина“, изјави Караџиќ за „Б92“ еден ден пред состанокот во Цирих.

Најнови вести