14.8.2015 Македонија во финалето на одбојкарската Европска лига
Македонските одбојкари се пласираа во финалето на Европската лига во одбојка откако во полуфиналето во Полска ја победија Естонија со 3-0 (25:23; 25:22 и 25:22).
На вчерашното полуфинале македонските одбојкари им се реваншираа на Естонците за двата пораза во групната фаза и им го нанесоа првиот пораз оваа сезона.
И покрај долгото патешествие до Полска, репрезентативците на Македонија одлично го почнаа натпреварот и првиот сет го добија со 25-23. До средината на вториот сет Естонија имаше предност, но нашите одбојкари направија пресврт и дојдоа до водство од 2-0 со 25-23.
И во третиот сет одиграа феноменално и го добија со 25:22 откако направија една мини серија за водство од 24:19.
По натпреварот, селекторот Жарко Ристоски истакна:
„Ова е голема ноќ за нас. Од натпревар во натпревар игравме сè подобро и тимот заслужи да игра во финалето. Сакам да им честитам на сите играчи. Тие ветија дека ќе се борат за секој поен и тоа го направија. Лани игравме полуфинале, сега сме во финалето и ова е најголем успех за македонската одбојка. Ветуваме дека нема да застанеме тука. Утре е нов ден и нов предизвик за нас“.
Денеска во финалето од 20 часот Македонија ќе игра против Словенија, која во првото полуфинале беше подобра од домаќинот Полска со 3-0. Пред финалето ќе се игра и дуелот за трето место меѓу Полска и Естонија.