Корисничко име Лозинка Пријави се
15.6.2015

Очекуван пораз од Словачка

Македонската фудбалска репрезентација предводена од новиот селектор Љубинко Друловиќ загуби од Словачка со 2-1 на гостувањето во Жилина во рамките за Квалификациите за Евро 2016.

На вчерашната средба без многу изненадувања Словачка дојде до шестата победа на шесте одиграни натпревари во квалификациите за Европското првенство во 2016 година.
Домашната екипа натпреварот го почна фуриозно и одлично одигра од сите делови на теренот, а нашите репрезентативци не можеа да го издржат притисокот. Првиот гол за Словаците го постигна Салата само по осум минути игра и до крајот на натпреварот сè им одеше во прилог. Имаа стабилна игра во одбраната и беа доминантни на средината на теренот, па до крајот на првото полувреме го зголемија водството на 2-0 со погодокот на Хамшик.
И во второто полувреме Словаците вршеа притисок, а нашите фудбалери мораа да се бранат. Тие конечно се разбудија и почнаа да играат подобро дури кон средината на вториот дел, а во 69-тата минута од средбата Аријан Адеми го постигна единствениот гол за нашата селекција.
До  крајот на средбата не успеавме да го изедначиме резултатот и Словаците  заслужено дојдоа до нови три бода.
Лидер на табелата е Словачка со 18 бода, потоа следува Шпанија со 15, на третата позиција е Украина со 12, Белорусија има 4, Македонија 3, а на последното место е Луксембург со 1 бод.

Најнови вести