Корисничко име Лозинка Пријави се
09.10.2014

Македонија против Луксембург за прва победа

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва од 20.45 часот на националната арена „Филип Втори“ ќе игра против Луксембург и се надева дека ќе ја оствари првата победа во квалификациската група за пласман на Европското првенство 2016 година.

По поразот од Шпанија на почетокот на новиот квалификациски циклус, на нашите фудбалери единствена желба им е победата против Луксембург, која ќе им биде дополнителна мотивација за понатаму во квалификациите.
„Ние, секако, ја прифаќаме фаворитската улога, но тоа треба да се докаже на терен, а не само на зборови. Знаеме дека имаме квалитет за победа, но мора на самиот натпревар сето тоа успешно да го демонстрираме на терен. Победата против Луксембург ни е важна од неколку аспекти. Атмосферата во селекцијата е одлична, но дефинитивно пред дуелот со Украина, ќе биде подобро доколку вечерва пред нашите навивачи запишеме победа“, изјави офанзивниот играч Агим Ибраими.
„Нема друго освен од стартот да наметнеме офанзивен ритам. Но, мора да играме тимски, затоа што поединци не можат да одлучат ваков натпревар. Сакаме на сите кои ќе дојдат на ‘Филип Втори’ да им подариме и допадлив фудбал со голови. Сакаме да означиме почеток на оваа една нова генерација фудбалери, која верувам во иднина може да ни донесе повеќе радости од досегашните“, додаде Ибраими.
Денес во останатите два дуели од нашата група, Белорусија во Борисов ја пречекува Украина, додека Шпанија гостува кај Словачка.


Квалификации за ЕП 2016 – Група Ц
Македонија – Луксембург
Белорусија – Украина
Словачка – Шпанија

Најнови вести