Корисничко име Лозинка Пријави се
18.2.2014

Ламар Одом во Каха Лаборал

Ламар Одом, поранешниот кошаркар на Лос Анџелес лејкерс и Лос Анџелес клиперс, дефинитивно кариерата ќе ја продолжи во шпанската Каха Лаборал, наведуваат повеќе независни извори.

Одом со Лаборал потпиша двомесечен договор, со опција за продолжување до крајот на сезоната.
Се очекува крилниот центар да дебитира во Евролигата на натпреварот со Уникаха на 27-ми февруари.
Претходно, кошаркарскиот менаџер Мишко Ражнатовиќ на својот профил на „Твитер“ најави дека ќе пристигне најголемата бомба, а потоа информацијата ја потврдија добро известени новинари од САД.
„Утре доаѓа најголемата бомба на европскиот пазар за оваа година“, изјави Ражнатовиќ.
Одом е слободен играч од крајот на минатата сезона, кој заврши во Клиперс, а досега има одиграно повеќе од илјада натпревари во НБА-лигата. Со Лејкерс освои два шампионски прстени, беше и најдобар шести играч на лигата, но животот и кариерата во последните две-три години не му одат како што посакува.
Ламар Одом има 34 години, висок е 208 сантиметри и игра на позицијата крилен центар.