Корисничко име Лозинка Пријави се
16.10.2013

Македонија со петарда од Србија ги заврши разочарувачките квалификации

Репрезентацијата на Македонија одигра очаен меч на гостувањето во Јагодина и катастрофално е поразена од Србија со 5-1 во последниот меч од квалификациите за пласман на СП во Бразил.

По поразот во Велс минатиот петок, дебаклот против Србија е само потврда на последното место во групата А со седум освоени бодови на десет натпревари.
Македонија очајно го почна натпреварот препуштајќи им ја целосно иницијативата на домаќините, кои ја искористија нашата немоќ и веќе по 15 минути имаа водство од 1-0 по автоголот на Ристовски, кој несмасно интервенираше при додавањето на Баста кон Тошиќ.
Четири минути подоцна Баста ја искористи лошата игра и поставеност на целата одбрана и го зголеми водството на 2-0. Србија продолжи да притиска и во 38-мата минута судијата покажа на белата точка откако Грнчаров го собори Ивановиќ во шеснаесетникот, по што Коларов беше прецизен за 3-0.
Пачовски имаше уште неколку одбрани во првото полувреме, со што спречи поголема катастрофа, а нашите репрезентативци не успеаја да направат ниту една шанса за да го загрозат голот на Стојковиќ.
Тадиќ во 54-тата минута погоди за 4-0, а дебаклот го потврди Шчеповиќ во 74-тата минута.
Неполна минута му беше потребна на нововлезениот Јаховиќ, кој со извонреден соло продор го постигна почесниот гол за Македонија во 83-тата минута.
„Имавме големи проблеми. Одигравме без дисциплина, некои играчи не ни сакаа да играат, штом резултатот беше негативен бараа да бидат заменети. Таквиот однос кон државниот тим е недозволив. Од друга страна, Србија покажа како се бори за својот дрес и за својата земја“, разочарано изјави в.д. селекторот Зоран Стратев на прес-конференцијата по натпреварот.

Најнови вести