04.9.2013 Старт на европската кошаркарска еуфорија
Денеска во Словенија почнува 37-мото Европско првенство во кошарка, а Македонија, на стартот на својот четврти настап на Евробаскетот, во 17:45 часот ќе игра против Црна Гора.
Охрабрени по историскиот пласман на четвртото место на Европското првенство во Литванија пред две години, нашите кошаркари предводени од Перо Антиќ, Лестер Бо Мекејлеб и Владо Илиевски ќе се обидат да направат чекор напред и од Словенија да се вратат со медал.
Македонската кошаркарска репрезентација ќе игра во групата Б во Јесенице заедно со Босна и Херцеговина, Летонија, Литванија, Црна Гора и Србија. Првите три репрезентации од групата ќе се пласираат во следната фаза. Првиот натпревар Македонија и во Словенија ќе го игра против Црногорците, исто како и пред две години на ЕП во Литванија.
Тогаш загубивме со 70:65 по едно продолжение, но сега нашите кошаркари се фаворити, а црногорската репрезентација е ослабена поради неиграњето на нивниот најдобар кошаркар, Никола Пековиќ, па целата европска кошаркарска јавност очекува реванш за тој пораз.
Македонската навивачка фаланга веќе го освои Јесенице и ќе пружи силна поддршка за нашите кошаркари во салата „Подмежакла“ која има капацитет од 5.500 гледачи.
Распоред на натпреварите на Македонија
04. 09. 2013 17:45 ч. Македонија – Црна Гора
05. 09. 2013 21 ч. Литванија – Македонија
06. 09. 2013 21 ч. Македонија – Србија
08. 09. 2013 14:30 ч. Босна и Херцеговина – Македонија
09. 09. 2013 14:30 ч. Летонија – Македонија