23.1.2013 Хофенхајм го доведе Абрахам од Хетафе
По нивната најлоша прва половина на сезоната во германското фудбалско првенство, од редовите на бундеслигашот Хофенхајм се одлучија да го доведат 26-годишниот аргентински одбранбен играч Давид Абрахам од Хетафе.
Клубот од Зинсхајм плати оштета од три милиони евра и со играчот потпиша договор до 2016 година.
Абрахам во Хетафе помина само половина сезона, а претходно четири години ги бранеше боите на Базел и со него освои три швајцарски шампионски титули и две на Швајцарскиот куп.
„Давид има многу искуство на врвно ниво за својата возраст, и тоа нам ни е многу важно во овој момент. Тој е брз и добар во ситуациите еден на еден. Мило ми е што го убедивме да ни се придружи“, рече Марко Курц, тренерот на Хофенхајм, кој екипата ја презеде кон средината на декември минатата година.
Хофенхајм моментно се наоѓа на 16-тата позиција на бундеслигашката табела, во зоната за испаѓање, а во сабота гостува кај Ајнтрахт.