Корисничко име Лозинка Пријави се
16.10.2012

Продолжуваат квалификациите: Да се биде или не за Македонија и за Србија

Македонија вечерва на „Националната арена Филип II“ против Србија ќе покаже дали има сили да направи изненадување во Групата А или повторно прерано ќе ги заврши квалификациите за големите фудбалски собири.

По поразот од Хрватска минатиот петок, селекторот на македонската репрезентација, Чедомир Јаневски, најави неколку измени во составот кој загуби со 1-2. Нашиот најдобар фудбалер, Горан Пандев, не може да настапи поради жолти картони, а и Ванче Шиков не може да игра од таа причина.
„Изостанокот на Пандев е голем хендикеп за нас. Не сум задоволен од играта на последната линија, бековите беа слаби, а Попов деконцентриран, што играч кој настапува во Премиер лигата не смее да си го дозволи“, изјави Јаневски.
Србија и Македонија досега играа само еднаш, во 2008 година, а мечот заврши 1-1.
Селекторот на српската репрезентација нема проблеми со повредени или суспендирани фудбалери и најави дека неговите фудбалери ќе играат за победа, за да останат во трка по првите две места по непланираниот пораз од Белгија:
„Сигурно е дека ќе сменам нешто, нема да излезат истите 11 фудбалери како против Белгија. Нема да го смениме нашиот систем и ќе ја нападнеме Македонија“, изјави Михајловиќ пред новинарите во Скопје.
Натпреварот го суди холандскиот арбитер Бес Нијхуис.
Во останатите натпревари од нашата група, Хрватска во Осиек го пречекува Велс, а Белгија во Брисел ќе игра со Шкотска.
На распоредот во групата Б се два важни натпревари, водечката Италија ја дочекува Данска, која по два одиграни натпревари има исто толку бодови, додека Чешка и Бугарија во меѓусебен дуел ќе одредат кој како фаворит за второто место ќе тргне во продолжението на натпреварувањето.
Во групата Ц Германија со три победи зад себе ја дочекува Шведска, која претходно има две победи од два одиграни натпревари. Република Ирска е фаворит против Фарските Острови, како и Австрија на свој терен против Казахстан.
По домашниот пораз од Романија, Турција ќе има тешка задача во обидот да го исправи тој кикс на гостувањето кај солидната репрезентација на Унгарија. Ќе биде интересно да се види дали Романија ќе може да ја сопре Холандија или успехот против Турција беше само еднократен блесок, додека Естонија е фаворит во средбата против Андора.
По неочекуваниот кикс против Исланд, Албанија има нова шанса за освојување бодови пред своите навивачи против Словенија, додека Норвешка е фаворит на гостувањето кај Кипар, а Швајцарија кај Исланд.
Сомнеж не би смеело да има во групата Ф, каде што Русија е фаворит против Азербејџан, Израел против Луксембург, а Португалија против Северна Ирска.
Босна и Херцеговина во групата Г на свој терен како фаворит ја дочекува Литванија, додека интересно ќе биде да се види каков исход ќе има средбата меѓу Словачка и Грција.
Украина е фаворит против Црна Гора во групата Х, Молдавија на гостувањето кај Сан Марино, додека Англичаните ќе мора добро да се потрудат за да дојдат до бодови на гостувањето во Полска.
Најинтересен натпревар вечерва ќе играат Шпанија и Франција, двата фаворити на групата И, коишто по два одиграни натпревари имаат по шест освоени бодови.

Најнови вести