Корисничко име Лозинка Пријави се
08.9.2012

Незаслужен пораз на Македонија на стартот на квалификациите

Македонската фудбалска репрезентација со пораз од 0-1 од Хрватска ги почна квалификациите за пласман на Светското првенство во Бразил во 2014 година.

Македонија беше подобар противник во првото полувреме и нашите репрезентативци имаа контрола на играта и не им допуштија на Хрватите посериозно да го загрозат голот на Богатинов. По шансата на Едуардо на стартот кога го погоди дирекот на нашиот гол, македонските репрезентативци ја преземаа иницијативата по што неколкупати сериозно се заканивме.
Пандев во 20 минута беше соборен од Плетикоса, но португалскиот судија немаше храброст да покаже на белата точка. Ванче Шиков по еден корнер со удар со глава ја упати топката кон мрежата, но Срна од самата гол линија спаси чист гол. Во 42 минута Пандев фантастично шутна, Плетикоса беше совладан, но топката удри во пречката и се одби десетина сантиметри пред линијата на хрватскиот гол и ги спаси Хрватите кои во тие моменти беа целосно надиграни.
Во второто полувреме влеговме порезервирано, а Хрватите ги разигра ново влезениот Крањчар, а Јелавиќ, шест минути откако влезе во игра на местото на Едуардо по една полу контра на Модриќ и Манџукиќ со глава мајсторски ја смести топката во нашиот гол.
До крајот Хрватите не допуштија посериозно да се заканиме кон нивниот гол и незаслужено заминавме од „Максимир“ со празни раце.
Следниот натпревар Македонија го игра во вторник на гости против Шкотска.

Најнови вести