Корисничко име Лозинка Пријави се
07.9.2012

Старт на европските квалификации за Бразил

Со вечерните натпревари од првото коло почнува циклусот на европските квалификации за Светското првенство во Бразил во 2014 година, а веќе првите мечеви ќе дадат одговор на некои прашања и ќе покажат кои репрезентации можат да се надеваат на пласман во Бразил.

Една од неизвесните и интересни групи е групата А, во која се Македонија, Хрватска, Србија, Белгија, Шкотска и Велс. Во првото коло Хрватска со новиот селектор ја дочекува Македонија во натпревар на кој едноставно мора да победи, но за да го направи тоа мора да покаже многу повеќе од тестот со Швајцарија, на кој дебитираше Штимац.
Нашата репрезентација има нов селектор, Чедомир Јаневски, и охрабрена по победата на Литванија со 1-0 во август, нема намера да се предаде на тешкото гостување на „Максимир“.
Белгија е голем фаворит во Велс, а Србија во Шкотска треба да покаже колкави се силите на таа репрезентација која во овој квалификациски циклус влегува со нов селектор, Синиша Михајловиќ.
Ситуацијата е слична и во групата Б, каде четири репрезентации се надеваат на пласман на Мундијалот. Италија е секако главен фаворит, што би требало да го потврди на премиерата со Бугарија, а Данците и Чесите во меѓусебен дуел ќе покажат кој ќе се бори за втората позиција.
Во групата Ц на два натпревари не би требало да има прашање кој ќе биде победник, а во групата Д уште во првото коло се среќаваат двата главни фаворити, Холандија и Турција.
Групае Е заедно со групата Д по имињата можеби е и најмалку атрактивна, а младата швајцарска селекција покажа дека има сили да се бори за едно од првите две места.
Првото коло во групата Ф треба да биде само загревање за Русија и за Португалија, како и за Босна и Херцеговина, која игра со Лихтенштајн, а нешто потешка задача ќе имаат Словачка и Грција.
Црна Гора беше најпријатно изненадување во минатите квалификации, а дали ќе можат да го повторат тоа ќе се види уште по првиот натпревар против Полска, а Англичаните не би смееле да имаат проблеми против Молдавија.
Во првото коло на групата И Финска ќе ја тестира Франција предводена од новиот селектор Дидие Дешамп.

Најнови вести