19.7.2012 На Шпанците не им се допаѓаат униформите
Некој пред Олимписките игри размислува околу формата, а некој околу стилот. Всушност, шпанските спортисти имаат проблем со блескавите црвени и жолти униформи, па почна расправа преку социјалните мрежи, а спортистите ги критикуваа дизајнерите.
Шпанските спортисти на свечената церемонија на
отворањето на Олимписките игри ќе излезат во црвено-жолти униформи, какви што
се и боите на нивното знаме, но моделите не му се допаднаа на кануистот Саул
Кравијото, но и на хокеарот Алекс Фабрегас.
„Најдобро е да не ја коментирам униформата. Ќе
ја оставам дома“, напиша Кравијото, кој на „Твитер“ објави слика на која е
облечен во официјалната облека со капа и ранец.
Се работи за тоа што руската фирма „Боско“,
која е истиот креатор и на руската и украинската униформа за Олимписките игри,
на „црвената фурија“ бесплатно ѝ ги направи костимите.
„Униформите сега не можеме да ги менуваме,
одлуката е донесена уште пред една година. Кога Рафаел Надал, кој го носи
знамето, и останатите спортисти ќе се појават на свеченото дефиле, сите ќе им
аплаудираат“, рече Алехандро Бланко, претседателот на Олимпискиот комитет на
Шпанија, а потоа ја додаде клучната работа.
„Можевме да избереме меѓу бесплатни униформи
или да платиме милион и пол евра. Зарем е потребно да дискутираме околу тоа“,
праша Бланко.
Шпанските дизајнери се лути бидејќи не се
ангажирани од страна на Олимпискиот комитет и ги наведоа примерите на Италија,
Америка и Велика Британија како земји кои ангажираа престижни дизајнери, како
Армани, Стела Макартни, Ралф Лорен.