Корисничко име Лозинка Пријави се
10.10.2017

Навивач на Израел тргнал кон Иско носејќи нож

Иско Аларкон, фудбалерот на Шпанија, можел да се најде во опасност по натпреварот со Израел бидејќи му се приближил еден навивач кој, наводно, носел нож.

Шпанија вчера го совлада Израел во гости со минимален резултат и со тоа на најдобар начин ги заврши квалификациите за Светското првенство, по што на теренот влегле шестмина домашни навивачи.
Полицијата соопштила дека сите се тинејџери, дека се приведени, а како што пренесуваат локалните медиуми, еден од нив кој тргнал кон Иско носел нож.
„Тој брзо се издвоил од групата и тргнал со трчање кон Иско. Додека му приоѓал, ножот му испаднал од рака и полицијата го запрела пред да стигне до фудбалерот“, пишува дневникот „Инет“.
Играчот за врска на Реал во игра влегол во 66-тата минута на местото од Ариц Адурис, а „Инет“ до сознанието дошол од членови на полицијата.
„Не сме сигурни дали сакал да повреди некого од фудбалерите и тоа ќе биде предмет на истрага. Сите детали ќе бидат проверени“, изјавил еден припадник на обезбедувањето.
Фудбалскиот сојуз ги демантираше ваквите наводи.
„Според информациите што ги имаме, не постои индиција дека некој од оние што влетале на теренот носел нож. Не знаеме од каде се појавила оваа вест“, изјавија од Сојузот.
Мики Росенфелд, портпаролот на полицијата, потоа се обратил и изјавил дека фудбалерите на  „црвената фурија“ не биле во опасност.
„Немаше безбедносни инциденти. Секојдневните безбедносни мерки беа на сила синоќа – пред, во текот и по натпреварот“, изјави Росенфелд.

Најнови вести