Корисничко име Лозинка Пријави се
17.1.2017

Ван Хал ја заврши тренерската кариера

Холандскиот тренер Луис ван Хал изјави дека одлучил да ја заврши кариерата.

„И минатата година реков дека ќе престанам, но подоцна ја променив таа одлука и решив прво да се одморам... Јас всушност сакав да се откажам и по Светското првенство. Сега верувам дека веќе нема да се враќам“, изјави Ван Хал за холандскиот „Телеграф“.
Тој додаде дека последните случувања во семејството го убедиле да донесе таква одлука.
„Многу работи се случија во моето семејство неодамна, тоа навистина беше будење“, додаде Ван Хал.
Весникот наведува дека сопругот на неговата ќерка ненадејно починал минатиот месец.
Ван Хал беше без работа од мај минатата година, кога го напушти Манчестер јунајтед, само по два дена откако го освои трофејот во ФА купот.
Холанѓанецот во кариерата, која ја почна во 1991 година, со голем успех ги предводеше: Ајакс, Барселона, Баерн Минхен и репрезентацијата на Холандија.
Тој во кариерата освои 20 клупски трофеи.
Со Ајакс три пати беше шампион на Холандија (1994, 1995 и 1996 година), а со „копјаниците“ го подигна и трофејот на Лигата на шампионите во 1995 година. Во 1997 година седна на клупата на Барселона, со која два пати беше шампион на Шпанија, ги освои и Кралскиот куп и Суперкупот на УЕФА.
Шампион на Холандија беше и со АЗ Алкмар во 2009 година. По една година со Баерн Минхен ја освои Бундеслигата, а на клупата на Јунајтед стигна до трофејот во ФА купот.
Со репрезентацијата на Холандија на Светското првенство 2014 година го зазеде третото место.

Најнови вести