08.9.2016 Втор пораз на Македонија во квалификациите
Македонската кошаркарска репрезентација на синоќешниот натпревар во Кавадарци го претрпе вториот пораз во квалификациите, овојпат од Унгарија со 76:66 (15:17, 17:18, 16:13 и 28:18).
Овој пораз на нашите кошаркари ја прекина 14-годишната серија без загубен натпревар на домашен терен и остануваат само теоретски шанси да се пласираме на Евробаскетот.
Во составот на нашата репрезентација поради повреда не играше Дамјан Стојановски. Унгарија водеше во текот на целиот натпревар, а Македонија имаше водство само на крајот на првиот период и на крајот од првото полувреме.
Гостинскиот тренер Стојан Ивковиќ имаше повеќе расположени играчи, па одлични стрелци беа: Давид Војвода, кој постигна 27 поени, Адам Ханга со 15 и Кристијан Витаман со 11. Тројцата вкупно остварија 53 поени за репрезентацијата на Унгарија.
Македонските кошаркари изгубија 16 топки, а имаа само четири украдени, додека Унгарците изгубија само осум и имаа 15 украдени. Најефикасен играч за Македонија беше Војдан Стојановски со 16 поени.
Во вториот натпревар од групата Г играа Велика Британија и Луксембург, а Британците победија со 95:72. Прва на табелата е Унгарија со максимални шест поени, потоа следуваат Велика Британија со пет, Македонија со четири и Луксембург со 3.
Следниот натпревар Македонија го игра на гости кај Луксембург на десетти септември.