Корисничко име Лозинка Пријави се
10.9.2014

Конте ја враќа Италија на вистинскиот пат

Антонио Конте, новиот селектор на Италија, изјави дека „аѕурите“ се на добар пат по успешниот старт во квалификациите за Европското првенство.

Италија во првото коло во Осло ја совлада Норвешка со 2-0 со головите на Заза во 16-та и Бонучи во 62-та минута.
Пред неколку денови, избраниците на Конте со тој резултат ја победија и Холандија во пријателскиот натпревар.
„Натпреварот со Норвежаните беше важен за нас и, секако, не беше лесен. Со децении не сме славеле во Норвешка и тие натпревари секогаш се тешки. Во претходните десетина денови направивме некои важни работи. Пред нас има време кое дополнително ќе го искористиме за запознавање и верувам дека ќе напредуваме како екипа“, изјави Конте за италијанската Раи.
Тој во јули беше именуван за селектор на „аѕурите“ откако ја напушти клупата на шампионот на Серија А, Јувентус.
„Овие момчиња сакаат да ја следат мојата фудбалска визија. Некогаш тоа го работат добро, некогаш не. Тактички гледано, мислам дека одигравме многу добро против Норвешка, се гледа дека екипата сака напорно да работи“, изјави трофејниот стручњак.


Најнови вести