Корисничко име Лозинка Пријави се
31.12.2012

„Газета дело Спорт“: Дрогба доаѓа во Милан

Италијанскиот спортски дневник „Газета дело Спорт“ објави дека еден од најдобрите напаѓачи во последните години, Дидие Дрогба, во јануари ќе дојде во Милан.

Дрогба, кој е фудбалер на кинескиот прволигаш Шенхуа од Шангај, наводно неодамна бил виден во Торино каде барал куќа. Италијанските медиуми тоа веднаш го поврзаа со негов трансфер во Јувентус во зимскиот преоден рок, но италијанскиот шампион негираше дека е заинтересиран за репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска.
„Газета дело Спорт“ верува дека Милан сега е водечки клуб во трката за Дрогба, кој во јануари ќе игра за БСК на Африканскиот куп на нации. Сè поизвесно е дека Милан во овој преоден рок ќе остане без Пато и Робињо, кои заминуваат во Бразил, а парите од нивната продажба би биле доволни за ангажман на одличниот напаѓач, кој беше најзаслужен за европската шампионска титула на Челзи минатата сезона.
Доколку потпише за Милан, Дрогба ќе ги пропушти сите натпревари во јануари, но затоа би бил на располагање за осминафиналето во Лигата на шампионите во кој „росонерите“ ќе се сретнат со моментно најдобриот состав во Европа, Барселона.

Најнови вести