Корисничко име Лозинка Пријави се
02.4.2012

Навивачите на Келн го запреа клупскиот автобус и ги построија играчите!

Во саботата навечер бесните навивачи на Келн го сопреа клупскиот автобус и ги построија играчите и клупскиот персонал на средината на патот за да им одржат лекција.

Со шест порази во последните осум кола на Бундеслигата Келн падна во зоната за испаѓање и го чека тешка борба до крајот на првенството за да го задржи статусот прволигаш. Последниот пораз екипата на Столе Солбакен го доживеа во саботата, на гостувањето кај Аугсбург, кој славеше со 2-1. На патот кон аеродромот 50-тина навивачи со своите автомобили го опколиле клупскиот автобус и го принудиле да застане. Од автобусот најпрво излегол Солбакен придружуван од тројца играчи, Михаел Ренсинг, Кристијан Ајхнер и Педро Жеромел.
Но навивачите инсистирале сите играчи да излезат пред нив, така што на Солбакен не му преостанало ништо друго освен сите да ги построи пред автобусот. Расправата меѓу деморализираните фудбалери и бесните клупски навивачи траела дваесетина минути, а целата сцена ја следеле 200 полицајци.
Потоа автобусот продолжил понатаму, играчите се качиле во авионот, а по слетувањето во Келн ги дочекале нови 60 навивачи и, секако, ново предавање.
И покрај тешката ситуација, челниците на клубот тврдат дека позицијата на тренерот Солбакен не е разнишана. Норвешкиот стручњак, пак, на конференцијата за новинарите покажал дека не го загубил хуморот. Во еден момент му заѕвонил мобилниот телефон, а тој на новинарите со насмевка им објаснил:
„Ме бара сопругата за да ме праша дали сè уште имам работа“.

Најнови вести