Корисничко име Лозинка Пријави се
26.10.2015

Голем јубилеј на Баерн – 1.000 победи во Бундеслигата

Фудбалерите на Баерн Минхен во саботата станаа прв германски клуб кој остварил 1.000 победи во Бундеслигата.

Екипата на Пеп Гвардиола во десеттото коло на германскиот шампионат лесно го совлада Келн на домашен терен со 4-0, па сè уште има максимален учинок оваа сезона – десет победи и 30 бодови.
Германскиот шампион лесно стигна до уште една победа, посебно поради фактот дека во тимот се врати најдобриот играч Арјен Робен, кој и ја погоди мрежата на гостите во 35-тата минута. На полувремето резултатот беше 2-0, во 40-тата минути погоди и Видал по додавањето на Коман.
Во второто полувреме „баварците“ лесно ги заверија новите три бода. Левандовски во 62-рата минута го постигна својот 13-ти гол на десет натпревари во Бунеслигата, а конечниот резултат го постави Милер со пеналот на 13 минути пред крајот на средбата.
Фудбалерите на Баерн ја остварија јубилејната илјадита победа во Бундеслигата, а челниците на клубот одлучија по тој повод да ги почестат своите навивачи.
Клубот заедно со спонзорот, пиварата „Пауланер“, делеше бесплатно пиво на присутните на стадионот со капацитет од 75.000 места.
Баерн по десет одиграни кола, се наоѓа на чело на табелата со 30 бодови, седум повеќе од Борусија Дортмунд.

Најнови вести