Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
15.5.2018

Манчини претставен: Да ја вратиме Италија на врвот

Фудбалскиот сојуз на Италија денес и официјално го претстави Роберто Манчини како селектор на машката сениорска селекција.

Во првото обраќање кон медиумите, Манчини изјави дека примарна цел му е „аѕурите“ да се вратат на врвот на светскиот и европскиот фудбал.
„Емотивен сум бидејќи националниот тим не е нешто тривијално. Горд сум. Селекторското место е нешто кон што тежнеат сите тренери. Пропуштањето на Светското првенство сигурно на сите тешко им падна. Затоа сакам да ја вратам Италија на врвот на светскиот и европскиот фудбал. Лигата на нациите е првата обврска која ја имаме и почнува наскоро. Се надевам дека репрезентацијата ќе биде на нивото кое се очекува од неа“, изјави Манчини.
Искусниот Италијанец го раскина договорот со Зенит за да ја преземе националната селекција.
„Ги има оние коишто повеќе сакаат да работат во клуб, играчите постојано да им се на око. Јас сум во оваа работа долго и можам да потврдам дека ваквата работа за мене е вистинска. Кога ќе изгубите со клубот, сите се лути, а овде зборуваме за 50 милиони навивачи... Тоа е убава мисла, бидејќи ако освоите нешто, ќе усреќите цела маса луѓе“, додаде Манчини.
На шпекулациите дека во стручниот штаб ќе му се приклучи и Андреа Пирло, Манчини изјави дека за тоа допрва треба да се преговара.
Кога станува збор за составувањето на тимот, 53-годишниот тренер додаде дека дури и во тешките моменти може да се потпре на квалитетните играчи и дека сигурно ќе разговара со Марио Балотели.

Најнови вести