Корисничко име Лозинка Пријави се
20.12.2017

Малиот Моцарт отиде во пензија

Искусниот чешки репрезентативец Томаш Росицки денес изјави дека ја завршува кариерата долга две децении.

Популарниот Мал Моцарт, кој со години ја компонираше играта во клубовите Спарта, Дортмунд, Арсенал и Челзи, веста за повлекувањето ја соопшти на конференцијата за медиумите на тимот од Прага, за кого играше на почетокот и на крајот на кариерата.
„По многу размислување, заклучив дека моето тело не може да ги издржи напорите коишто ги бара професионалниот фудбал. Сакам да ѝ се заблагодарам на Спарта, која ме одгледа и ми дозволи кариерата да ја продолжам во големите клубови, како и да ја завршам таму каде што отсекогаш сум сакал“, изјави одличниот офанзивен играч за врска.
Росицки за Чешка во периодот од 2005 до 2016 година одигра 105 натпревари, а постигна 23 гола. Според бројот на настапи, тој е трет во Чешка, зад Петр Чех (124) и Карел Поборски (118), додека на листата на стрелците се наоѓа на четвртото место, зад Јан Колер (55), Милан Барош (41) и Владимир Шмицер (27).
Росицки со Спарта освои две титули во Чешка, една со Дортмунд во Германија, две во ФА купот со Арсенал, како и една титула на Комјунити шилд.

Најнови вести