Корисничко име Лозинка Пријави се
15.6.2015

Македонија со победа над Чешка обезбеди ново Европско првенство

Во вчерашниот натпревар одигран во спортскиот центар „Борис Трајковски“, македонската ракометна репрезентација ја совлада селекцијата на Чешка со 32-28 и со тоа се избори за пласман на Европското првенство во Полска.

Со победата над Чешка, нашите ракометари ги оправдаа очекувањата и во последното коло се пласираа на Европското првенство во Полска. Тие се наоѓаат на второто место со седум освоени бодови, два повеќе од чешките репрезентативци, додека прва е Франција со 12 бода.
Селекцијата на Обрван имаше проблеми со повредени играчи во нападот, па поради тоа не го почна најдобро вчерашниот натпревар во Скопје. Во првите минути од средбата Чесите поведоа со 4-1, а до средината на првиот дел нашите ракометари успеаја само да израмнат во два наврати.
Но, на десеттина минути пред крајот на првото полувреме, капитенот Кире Лазаров ги презеде работите во свои раце, па Чешка веќе имаше пад во играта. Нападот предводен од Лазаров одлично функционираше и Македонија првиот дел го заврши со предност од три гола, 15-12.
Во второто полувреме Македонците набрзина дојдоа до предност од пет голови (20-15), но нападот и одбраната направија повеќе грешки, па на седум минути пред крајот на средбата Чешка заостануваше само со еден гол. Потоа, во последните пет минути Лазаров постигна четири погодоци по ред и Чесите се предадоа.
Најефикасен играч на натпреварот беше Кире Лазаров со 12 постигнати погодоци, а одличен беше и Дејан Манасков, кој даде седум голови. Голманот Борко Ристовски одбрани 12 топки.

Најнови вести