Корисничко име Лозинка Пријави се
14.1.2014

Само бод за Македонија во дуелот со Чешка

Македонската ракометна репрезентација ремизираше со Чешка со 24:24 во вториот натпревар од групата А на Европското првенство во Данска.

Нашите ракометари добро го почнаа натпреварот и по првите 15 минути имаа предност од три гола. Чесите се вратија во игра и направија серија од 4:0 и во 20 минута дојдоа до водство од 8:7. На шест минути до крајот имаа 10:8, но со головите на Лазаров и Димовски Македонија го изедначи резултатот. До крајот на полувремето најдобриот играч на Чесите, Јиха, постигна гол за резултат 10:11 пред паузата.
Во второто полувреме Македонија предводена од Лазаров направи резултатски пресврт и во 40 минута имаше водство од 16:14, кое го зголеми Манасков. Чесите повторно направија мини серија од три гола и го изедначија резултатот на 17:17.
Миркуловски постигна два гола со кои повторно имавме предност, но борбените чешки репрезентативци ја анулираа нашата предност за 20:20 на осум минути до крајот.
Во последните минути се играше гол за гол, а во финишот Миркуловски не успеа да погоди, а Чесите по истекот на времето имаа удар од девет метри кој не го реализираа, па натпреварот заврши нерешено, 24:24.
Најдобар во нашата репрезентација беше Кирил Лазаров со 12 гола, додека најефикасен кај Чесите беше Хорак со 8 гола. Нивниот голман Штохл имаше неверојатни 21 одбрани.
Во последниот натпревар од групната фаза, Македонија во четврток во 18:15 ќе се сретне со Австрија.

Најнови вести